Протестите донесоа нова цена за струмичката ајварка – доволна или класична манипулација?
Неколку дена протести, блокади и незадоволство реазултираа со нова откупна цена на струмичката ајварка. Производителите, откупувачите и преработувачите вчера постигнаа договор, а од денес пиперката се откупува по повисоки цени, кои, според најавите ќе останат во сила до крајот на откупната сезона. Месното здружение на млади од Муртино, кое ги организираше протестите, претходно најави продолжување на блокадите доколку не биде постигнато прифатливо решение. По договорот за новите цени, протестите засега се ставени во мирување.
Месно здружение на млади – Муртино: Проблемот со цените го земавме приоритет заради итноста на самата проблематика, со тоа што се наоѓаме во почеток на пик на сезоната на берба на куртовската капија. По завршувањето на оваа сезона, предвидено за почетокот на ноември, повторно ќе се сретнеме со министерот и претставниците на фабриките, со цел да започнеме со изработка на стратегија за планирано и одржливо производство на куртовската капија.
Класична манипулација на градинарите во Струмица – ваква е констатацијата на Националната земјоделска мрежа, по договорот за новите цени. Оттаму реагираат дека е извршена манипулација кон барањата на градинарите и дека истите се доведени во заблуда.
НЗМ: Се направи привидна состојба дека се прифатени и задоволени нивните барања од страна на откупувачите. Ние излеговме со реална пресметана и докажана производна цена по килограм пиперка која при принос од 3000 кг по декар изнесува 26 ден. Со самото тоа се докажа дека секоја просечна откупна цена под 40 ден дирекно води во загуба. Истовремено упатуваме порака до откупувачите и преработувачите – Господа, заслепени сте од алчноста, но знајте дека си ја сечете гранката на која седите. Многу бргу ке ви се случи колапс и ке го изгубите вашиот комодитет.
Еколошкото здружение „Здрава Котлина“ пак ја почитува одлуката на организаторите, бидејќи, како што тврдат, верува во принципот на искрена солидарност, каде што поддржувачот го почитува правото на оние кои го сносат директниот ризик сами да одлучуваат за сопствената егзистенција.
„Здрава Котлина“: Дури и ако покачувањето не е идеално, тоа е конкретна победа извојувана со чист, надпартиски притисок. Почитта кон оваа одлука ја зачувува енергијата, единството и достоинството на луѓето кои докажаа дека со сплотеност можат да ги натераат институциите да отстапат. Ова е лекција што треба да се знае кога се прашува што функционира во Македонија.
Незадоволството околу ниските откупни цени ескалираше изминатите денови во Струмичко, каде производителите протестираа поради првично понудената цена од 25 денари за килограм за прва класа. Тие предупредуваа дека со таквата цена не можат да ги покријат ниту производствените трошоци, кои континуирано растат.

