Протести во Кочани додека не се истера правдата

Во Кочани ништо не е како пред 16 март, тажно е, се чувствува болката. Животот продолжува со работните обврски, но трагедијата не се заборава, вели Марко Димитријев од „Сапорт Кочани“.

Тој во интервју за РСЕ посочи дека кочанчани бараат правда и одговорност, потребна е брза и навремена реакција како на почетокот така и сега. Алармира дека условите во кочанската болница, за третман на 50 деца не се задоволителни. 

„Не можеш да се фокусираш на други работи кога знаеш дека на некој му е потребна помош. Има деца што доаѓаат и велат „Една година нема да излезам на сонце“. Ние тука не можеме да останеме рамнодушни. Нашата примарна цел е да им помогнеме на сите деца. Прво беше да ги вратиме сите во Кочани, живи и здрави, а сега, откако поголем дел, уште има надвор што се лекуваат, нели, да им помогнеме што подобро и побрзо да закрепнат. Ние сакаме да се дотурка правдата до крај и верувам дека Кочани нема да застане додека не се дотурка правдата до крај.“ - Марко Димитријев „Сапорт Кочани“. 

Од кочанската болница се обратиле до „Сапорт Кочани“ со цел заеднички да се најде начин за помош на децата.

„Ние зборувавме со луѓе од Холандија, Германија и Бугарија за изработка на компресивна облека, тоа се ракавици, за нозе, стегачи, за гради, лице и за врат. Тие се некои помагала што им требаат во моментот за побрзо да оздрават.“ - Марко Димитријев „Сапорт Кочани“.

Вчера, семејствата на загинатите и повредените од пожарот кој се случи пред два месеци во кочанската дискотека „Пулс“, одржаа уште еден „Марш за ангелите“ во Кочани. Семејствата потенцираа дека бараат неселективна правда и одговорност.

Додека пак, пред неколку дена екс министерот за економија Крешник Бектеши и поранешната државна секретарка во министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ мерката притвор им беше замената со мерка куќен притвор. Основниот суд во Кочани разгледува 18 предлози за продолжување на мерка притвор и куќен притвор, а во моментов 12 лица се во притвор, 18 во куќен притвор, а на 14 лица им се определени мерки на претпазливост и во тек е истрагата на ОЈОГОКК против седум полициски службеници.

Од „Левица“ преку писмено соопштение апелираат дека потребна е итна реорганизација на капацитетите и вонредно зајакнување на болницата во Кочани и на ниво на централна власт неопходно е да функционира стручен тим кој на дневно ниво ќе ги следи состојбите во кочанската болница. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави средба со семејствата на настраданите.

Претходно опозициската СДСМ реагираше и ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за одбивањето на предлог-законот за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.