Протести во Данска и на Гренланд поради плановите на Трамп за преземање на островот
Во Данска и на Гренланд протести поради најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на контролата врз арктичкиот остров. Протестите доаѓаат неколку дена по состанокот во Вашингтон на кој данските претставници беа децидни дека засега нема можност за договор со американската администрација за иднината на Гренланд. Целта на протестите е да се испрати јасна и едногласна порака во корист на почитувањето на демократијата и основните човекови права на Гренланд. Коалицијата на локални гренландски организации сака да го искористи присуството на делегација на американскиот конгрес во Копенхаген, за да се слушне нивниот глас. Жителите на Гренланд се загрижени по американските закани. Сметата дека ќе плаќаат за многу услуги кои сега се бесплатни.
„Образованието, здравствена заштита, сето тоа е бесплатно“.
Претседателот Трамп се закани со зголемување на царините за земјите кои не го поддржуваат неговиот план за Гренланд.
Доналд Трамп – претседател на САД: „Ќе воведам тарифа за земјите ако не се согласат со плановите за Гренланд. Островот ни е потребен за национална безбедност. Значи, можеби ќе го направам тоа“.
Франција, Шведска, Германија и Норвешка, заедно со Холандија, Финска и Британија а од денеска и Словенија, распоредија воен персонал на Гренланд за извидувачка мисија, како дел од вежбата „арктичка издржливост“ на Данска, организирана со сојузниците на НАТО. Данска ги покани и САД за учествуваат на воените вежби.
Сорен Андерсен - началник на заедничката арктичка команда на Данска: „Спроведуваме вежба наречена арктичка издржливост. Тоа е вежба што ќе се спроведува во текот на целата 2026 година, а можеби и следната година, каде што ќе го зголемиме нашето присуство тука-во и околу Гренланд“.
Европската унија останува со поддршка за Данска и смета дека Гренланд е подеднакво важен за нив, и како што велат, неговата безбедност треба да биде заедничка одговорност на НАТО.

