Протестен марш за неодложно и темелно расчистување на „Јавна Соба“
Foto

Протестен марш за неодложно и темелно расчистување на „Јавна Соба“

Неодложно и темелно расчистување на случајот со Јавна Соба, соодветни казни за администраторите, но и инкриминирање на сексуалното вознемирување преку интернет во Кривичниот законик се дел од барањата кои ќе бидат соопштени на протестниот марш што ќе започне денеска напладне пред Министерството за внатрешни работи, а ќе заврши пред Јавното обвинителство.

Мотото на маршот е „Јавна соба е кривично дело!“, а е организиран од Платформата за родова еднаквост.

Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини во изјава посочи дека маршот ќе започне и заврши пред овие локации заради тоа што токму овие две институции се клучни во заштитата од насилство генерално, но и во случајот „Јавна соба“.

Според неа, идејата зад мотото „Јавна соба е кривично дело!“ е да се именува со вистински зборови она што се случува во таа група, но и да се фокусира дискурсот околу Јавна соба кон кривични дела и потенцијалните стротители на истите, наместо кон жртвите или оштетените.

Организаторите на маршот бараат од Јавното обвинителство темелно да го расчисти случајот „Јавна Соба“, но и соодветно да ги казни администраторите.

-Бараме неодложно и темелно да се расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции, посочува Цветковиќ.

Таа додава оти се надеваат на поддршка, но како што појаснува, имаат и разбирање дека не секој може да присуствува.

-Она што е најважно е дека најголем дел од јавноста го поддржува протестот, бара одговорност од институциите и очекува санкции за сторителите, додава Цветковиќ.

И Мери Цветковска од ХЕРА е на ставот дека протестниот марш е апел до надлежните институции да ги казнат злосторниците.

Таа во изјава појаснува дека институциите треба да одговорат соодветно, да најдат системски решенија и да ја затворат групата.

-Протестниот марш е во организација на „Платформата за родова еднаквост“ чија членка е ХЕРА. „Јавна соба е кривично дело“, „Не си сама“, „Ти не си виновна“ се само дел од апелите до сите девојки, жени и жртви на криминални појави како Јавна соба, но и апел за надлежните институции да одговорат соодветно, додава Цветковска.

Според неа, случајот со „Јавна соба“ е уште еден доказ дека насилството е реално. Насилството, како што додава таа, постои и исклучиво важно за негово превенирање е едукација на младите кои ќе научат како да го препознаат, како да се заштитат и каде да го пријават.

Насилството, појаснува Цветковска, е секојдневен проблем кој тропнал на сечија врата.

-ХЕРА долги години укажува на потребата од сексуално образование, а овој случај го гледаме како уште еден доказ дека насилството е реално. Тоа постои и исклучиво важно за негово превенирање е едукација на младите кои ќе научат како да го препознаат, како да се заштитат и каде да го пријават. Очекуваме и сведочиме огромна поддршка, затоа што свесни сме дека насилството е секојдневен проблем кој тропнал на сечија врата, појаснува Цветковска.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера изјави дека „Јавна соба” е профил отворен на платформата Телеграм, со седиште во странска држава, и затоа како што рече, немаат законска можност да наредат, укинат, забранат негово функционирање, ниту пак да наредат за гонење на сторителите да им ги дадат доказите.

Според Јовески, потребни се измени и дополнување на Кривичниот законик, но и развивање на соработката со надлежните странски органи.

Групата „Јавна соба“ во која над 6500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, кон крајот на минатата недела беше избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.

Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од земјава.

Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа регистрирани околу 7000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.

0 Коментари

Остави коментари