Протест во сабота против изградба на регионална депонија во Новаци
И покрај уверувањата на властите дека изградбата на регионалната депонија во Новаци нема да има негативни импликации битолчани се помасовно даваат поддршка за саботниот протест кој е закажан да се одржи од 12ч пред општинската зграда.
Граѓаните немаат доверба во институциите дека имаат капацитет да ја одржуваат новата современа депонија.За граѓанските активисти спорна е количината на смет,велат дека е премногу 18 општини да депонираат смет кај Новаци. Бараат референдум и преиспитување на локацијата.
Од граѓанското здружение „Збогум Буково" велат дека недовербата кај граѓаните е оправдана но уверуваат дека стандардната депонија е во согласност со сите национални и европски барања, ќе овозможи долгорочно безбедно отстранување на комуналниот отпад и затворање на сите постоечки диви и нестандардни депонии.
„Депонијата ќе биде проектирана да ги исполнува потребните услови за спречување на загадувањето на почвата, подземните води или површинските води и ефикасно собирање на исцедокот. Подлогата на депонијата ќе биде во согласност со европските и националните барања и стандарди и ќе вклучува (од долу нагоре) геолошка бариера, геомембрана, геотекстил и слој за дренажа. Локацијата е во еден дел од рудникот за лигнит „Суводол“, каде рударските активности се запрени долг период (површинските седименти и продуктивниот слој на лигнит се ископани).
Локацијата не вклучува хидрантски точки. Црна Река тече на 6,5 km од локацијата и претставува главна одводна артерија за целата област. Нема бунари за испумпување на подземните води во рамките на локацијата. На околу 2,5км од локацијата, се наоѓа група бунари, кои служат за дренажа на постојната област со рудник за ископување лигнит и за намалување на нивото на подземните води.
Од општина Битола велат дека граѓаните треба да бидат спокојни оти во Пелагонија ќе се гради регионален систем за управување со отпад, а не како досега нестандардна депонија за складирање на ѓубришта.
Инаку, Министерството за животна средина подготвува тендерска документација за избор на изведувач што се очекува да заврши до 2025 година, а доколку навреме отпочнат работите изградбата на Центарот за управување со отпад треба да заврши до крајот на 2027 година.