Протест во Битола против полициска бруталност

Нема правда, нема мир, бараме правда, стоп за дискриминација на ромите, со овие пароли денеска низ улиците во Битола маршираа демонстраните против полициската бруталност,  откако пред два дена битолчани роми беа претепани од полициски службеници. Протестот започна попладне, а групата граѓани се движеа по главната улица во Битола, до седиштето на битолската полиција.

Од протестот упатија апел дека граѓаните се тие кои ја плаќаат полицијата, затоа таа треба да ги штити, а не да ги повредува. 

Протестот беше организиран од иницијативата „Аваја“ заедно со други здруженија од земјава. Имено, во текот на вчерашниот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција посочи дека е поднесена кривична пријава и суспензија за полицаецот, а суспензија доби  и уште еден полицаец, кој бил присутен за време на инцидентот.

Невладините организации го осудија полициското насилство и дискриминацијата врз Ромите и побараа итна и темелна истрага. Од друга страна во среда е најавен протест за поддршка на полицајците на кој ќе се бара повлекување на кривичните пријави и дисциплински постапки против полициските службеници.