Протест на жителите на неколку села од малешевијата

Да им се остават свињите во семејните фарми, преку протест побараа жителите на неколку села од Малешевијата. Велат дека ветринарните инспектори им донеле Решенија дека како дел од биосигурносните мерки против африканската свинска чума нивните свињи мора да одат во кланица. 

Бараат одговор  зошто се носат вакви решенија и дали ќе останат во сила.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека решенијата нема да се повлечат. Документ да се носат свињите во кланица ќе добијат оние фарми што не ги исполнуваат биосигурносните мерки во радиус од 10 километри од утврдените жариште на африканска свинска чума.

„Мерките што ги носиме се согласно светските стандарди за справување со болеста. Освен да се заштитат животните, целта е да не се прекине ниту синџирот на снабдување со месо во државата и да се заштитат големите фарми каде се почитуваат биосигурносните мерки“ вели Вања Кодратенко, АХВ

Болеста по првите утврдени случаи во делчевско на почетокот од годината се појави во неколку фарми во кочанско и виничко, а последниот случај е потврден во Карбинци. Статистички во државата од 5500 одгледувалишта, само 708 ги исполнуваат сите безбедносно-сигурносни мерки и се во групата на фарми со низок ризик за ширење на болеста.