Протест на земјоделци од Светиниколско за рестрикциите на вода
Или разумен договор за периодот на рестрикции на водата за наводнување или во понеделник ќе блокираат патишта. Ова го порачаа земјоделците од светниколските села Мустафино и Ерџелија кои денеска со триесетина трактори излегоа на предупредувачки протест пред општина Свети Николе. Велат вода до нивите почесто нема отколку што има, а штетите се огромни бидејќи во атарот на овие села најмногу се сее пченка и луцерка, култури што бараат вода.
Со рестрикциите се засегнати околу 250 земјоделци. За плаќање им тежат и концесиите и неможноста да го испорачаат договореното, а поради немањето соработка со првиот човек на водостопанство Свети Николе бараат негова смена. Тврдат и порано имало рестрикции но решение секогаш се наоѓало.
Првиот човек на подружницата на Водостопанство во Свети Николе вели дека рестрикциите се воведени за да има правилна распределба на водата за наводнување за сите населени места. До лани се фаворизирала едната страна, а нивите во селата на крајот од каналската мрежа постојано биле суви.
„Ние со земјоделците што сега протестираат сме имале неколку средби, но тие се многу тешки за разговори и не ги прифаќаат нашите аргументи и новите услови. На состаноците навредуваат и се закануваат за што постои видео снимка, а заканите се пријавени и во полиција“ вели Митко Костадинов, раководител на подружница на Водостопанство, Овче поле.
Вода не стигнува до нивите не само поради високите температури и сушата туку и поради дивите приклучоци. Од Водостопанство веќе формирале и комисија што треба да ги лоцира со што значително ќе се намалат загубите низ каналската мрежа.