Протест на вработените во филхармонија за изборот на нов директор
Квалификации и систем на заслуги наместо етничка и партиска припадност при изборот на новиот директор на Македонска Филхармонија побараа вработените на денешниот протест пред Министерството за култура и туризам.
Од синдикалната организација на Филхармонија велат дека имаат сознанија кои покажуваат дека кандидатот Мустафа Имери за кој препоставуваат дека ќе биде нов директор, не доставил комплетна документација при пријавување на конкурсот. Според нив, продолжувањето на рокот за дополнување на документацијата е кршење на Законот.
„Се надевам дека и Министерството за култура и премеирот ќе покажат доблест и ќе излезат во пресрет да не се направи незаконски избор на директор доколку тоа се случи на нас останува да протестираме да ги интезивираме протестите дури и да застанеме со работа“, изјави Лазаревски.
Министерството за култура и туризам преку соопштение ги отфрли тврдењата искажани на денешниот протест. Оттаму информираа дека изборот на директорот на Филхармонија ќе биде согласно Законот.
- Во врска со денешниот протест на вработените во Националната филхармонија информираме дека Министерството за култура и туризам работи согласно со Законот и дека изборот на директор на оваа институција ќе биде исклучиво согласно позитивните законски прописи.
Во тој контекст Ве информираме дека Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на НУ Филхармонија согласно Законот за општа и управна постапка (ЗОУП) до учесниците во конкурсот достави барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонијата.
Инаку, ова е втор протест на вработените на Филхармонија кој следи по највите на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во интервју за 24 анализа дека директор на Филхармонија ќе биде Мустафа Имери.