Протест на вработените од „Колска“ пред Влада

Вработените од велешка Колска утрово дојдоа пред својот работодавец. Со сирена се обидуваа да му го свртат вниманието, за некој од Владата да го слушне нивниот проблем. Имаат вагони за сервисирање, работа која треба да ја сработат, но не можат да купат репроматеријали.

Веќе деветти месец како сметката на фирмата е блокирана, оти УЈП бара да си го наплати данокот на додадена вредност, кој од 2013-та до 2017-та не се плаќал. 74-те работници од оваа фабрика, кои трет месец не зеле плата, бараат од Владата да најде начин, и времено, додека трае кризата, да ја запре присилната наплата од УЈП, а тие да продолжат со работа.

По четири часови стоење пред Влада на дожд, вработените ги прими вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. На полчасовниот состанок, тој им кажал дека Владата го разрешила директорот на Колска и им ветил дека од идната недела работите ќе се решаваат, без да им образложи како. Немало ниту позитивен одговор на нивното барање, УЈП да им ја одблокира сметката. Иако побаравме, до почетокот на овие вести од Влада не добивме одговор на прашањето, како ќе го решава проблемот со велешка Колска.

Оваа фабрика чиј во сопственик е Владата, и која сервисира железнички вагони, со години на назад има проблеми со ликвидноста, но со цесии, работниците некако успеваа да земат плати. Ниските цени по кои ги поправаат вагоните се една од причините за проблемите од кои Колска никако да се извлече. УЈП донесе решение, околу 600 илјади евра да ги наплати присилно, со продажба на имотот на фабриката, затоа што државата, која е сопственик на Колска, самата себе си, не си плаќала данок.

Сега најголемиот данок го плаќаат работниците, кои се и без работа и без плати.