Протест на учениците во Сарај за колапсот во јавниот превоз

Хаосот на автобуските линии во метрополата продолжува и ученици на општина Сарај протестираат и бараат зголемен број на автобуси со број 56 и 56А.

Сите ученици од оваа скопска општина поднеле барања до ЈСП и бараат да им пуштат повеќе автобуси бидејќи моменталниот број е многу мал и се создава голема гужва.

Веднаш по изјавата на ученикот Ил Рустеми за тв24 беше повикан во општината Сарај на состанок со директорот на ЈСП Александар Стојковски кој им ветил дека од понеделник ке пушти контрола во автобусите со број 56 за да ја утврдат состојбата и да одлучат дали на оваа линија треба да се пуштат повеќе автобуси.

- На средбата беше договорено во наредниов период ЈСП Скопје да изврши анализа на терен, односно да се утврди фактичката состојба на терен. - велат од ЈСП.

Инаку колапсот на јавниот превоз во град Скопје започна со протестите на вработените во ЈСП поради неисплатени плати, по нив вработените на приватните автобуси на „Макекспрес“ кои не ги возат автобусите со број 19,20,22,52 и 54 и веќе петти ден чекаат договор со градот Скопје и ЈСП, а не се знае и ситуацијата со вработените во Слобода превоз откако нивниот претседател Ленин Јовановски за тв24 истакна дека 3 месеци вработените не зеле плата.

Состојбата со превозот во главниот град станува алармантна -градоначалничката Данела Арсовска се уште не презема конкретни чекори за надминување на овој проблем кој го попречува нормалното функционирање на скопјани.