Протест на студентите за полагање правосуден испит и на албански јазик - се вееја американски и албански знамиња и се извикуваше УЧК

Со албански и американски знамиња, транспаренти на албански јазик и скандирање 'УЧК', албанските студенти  од трите албански универзитети во Македонија денеска излегоа на улица и побараа правосудниот испит да се полага и  на албански јазик.  

Марширајќи од плоштадот „Карпошово востание“ па се до Министерството за правда меѓудругото побараа рамноправност и почитување на законот за јазиците. 

Илор Рустеими, студент на Универзитет на Југоисточна Европа

- Ние како студенти, поднесовме барање и пред две години тука во министерството за правда и добивме негативен одговор и сега бараме министерот да ги почитува и законите и Уставот на Македонија. 

Бленди Ходаи, форум за образовни промени 

- Ова е едно базично право на студените што студираат на албански јазик, правосудниот испит  да го полагаат на албаснки јазик и ова не е никаква закана за државата и институциите и нема врска со познавањето на македонскиот јазик туку е посебно тестирање што е фокусирано на знаењето на студентот за правосудниот систем во државата. 

Студентите поддршка добија и од дел од пратениците, особено од пратениците од албанските политички партии. Тие испратија речиси идентични пораки, да се испочитуваат барањата на студентите.

Халил Снопче, пратеник Алијанса за Албанците

- Овде сме да ги поддржиме студентите за нивните легитимни барања. Денеска не сме тука како политичари и нема да дадам политички коментари. Поддршката ја даваме само со нашето присуство денеска и тоа е доволно. Гласот и зборот им го оставаме на студентите денеска. 

Фатмир Битиќи, пратеник СДСМ

- Уставот е јасен. Законските регулативи како што гледаме сека може да се сменат во рок од 6 часа, се нешто што се менува за да се усогласат со уставното начело. Затоа кажав, барањето оправдување не е начин да се решат проблемите. Ова е гласот на децата кои сметаат дека имаат една неправда за се чувствуваат еднакви со своите колеги во Македонија. 

Арбер Адеми, пратеник 

- Како може да полагаат овие што завршуваат медицина на албански јазик, како може и тие во градинските што се вработуваат на албански. Зарем таму нема закон? Таму постоти тука не. Затоа се соочуваме со упад врз уставниот и правниот поредок на државата каде како резултат на недостик на волја на министерот Филков и  Владата се врши злоупотреба на службена положба. 

Поддршка добија и од вработена во министерството за правда која веднаш по стигањето на студентите пред институцијата излезе на прозор и ги поздрави.

За денешниот протест и за барањата на албанските студенти од Министерството за правда велат дека денешниот протест е обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури. Според нив, правосудниот испит е стручен испит кој не претставува управна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и стручност во правосудниот систем.

Министерство за правда

- Евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на  демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок. Во однос на барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит,Министерството за правда уште еднаш  потенцира и потврдува дека истиот се спроведува согласно важечката законска рамка. 

Доколку не се испочитуваат барањата за полагање на правосудниот испит на албански јазик, студентите најавија и нови протести.