Протест на родителите од инцијативата “Учебници и настава мора има“
Родителите од иницијативата „Учебници и настава мора има“ денеска масовно излегоа да протестираат против најавените образовни реформи и дигитализацијата на наставата.
Тие бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи. Децата кои поради Ковид состојбата беа обврзани да следат онлајн настава, од септември да се вратат во училишните клупи. Потенцираат дека законите во земјата се носат без консултации со засегнатите страни.
Од министерството за образование пак денеска велат дека апсурдно е да се протестира против напредок на образованието. Потенцираат дека протестот на родителите е уставно загарантирано парво. Но, сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана .
- Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства. - велат од МОН.
Протестот од иницијативата „Учебници и настава мора има“ започна точно на пладне од пред Министерството за образование, од каде демонстрантите се упатија кон Владата, а крајна цел на маршот им беше Собранието.
Покрај во главниот град, се протестираше и во други градови во земјава. Претходно учениците по барање на родителите ја бојкотираа наставата во знак на револт против предлог законот за учебници. Инаку Дигитализацијата на учебниците се очекува да започне од следната учебна година за учениците од четврто одделение, а потоа етапно ќе се воведува и во погорните одделенија.