Протест на пензионери: Со процентуално зголемување на пензиите ќе немаме за леб

Со интонирање на македонската химна, скандирање „Оставка, оставка“ и разочарани од последното процентуално зголемување на пензиите од 3%, пензионерите од Свети Николе по којзнае кој пат повторно излегоа на протест, овој пат со барање моделот на линеарно зголемување на пензиите да се задржи, бидејќи, како што истакнаа, трошоците во маркетите и аптеките се за сите исти.

Вака започна денешниот и најнов протест на пензионерите од светиниколско. Тие денес го изразија својот револт и незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите од само 3%, притоа  останувајќи на својот став дека моделот на линеарно зголемување на пензиите мора да се задржи. Според нив, токму овој принцип обезбедува поголема правичност за оние со најниски примања.

Тврдат дека нивната борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови. Потсетуваат дека јазот меѓу најниската и највисоката пензија порано бил сооднос 1:4, а денес достигнал 1:7, и како што предупредија, ќе продолжи да се продлабочува доколку не се задржи линеарниот модел. 

Пензионерите порачаа дека ќе продолжат со своите активности и истите ќе ги радикализираат во повеќе градови ширум државата сè додека, како што велат, не се обезбеди фер и одржлива формула за зголемување на пензиите, кои би овозможиле достоинствен живот.