Протест на гимназијалците од струшкиот и дебарскиот регион
Протест на средношколците во Струга - бојкот на наставата во Дебар, револт и незадоволство кај вевчанските основци, вака започна новата учебна година во струшкиот регион.
Гимназијалците од двете средни училишта „Нико Нестор" и „Ибрахим Темо" бараат настава со физичко присуство.
„Ако можат без проблем да работат кафичите и кафеаните, отворете ни ги училиштата" - порачаа тие од денешниот протест во Струга.
И гимназијалците од СОУ „28 ноември" од Дебар бараат настава со физичко присуство. Денеска го бојкотираа првиот онлајн час, а од утре најавуваат протести заедно со родителите пред гимназијата.
Револт има и кај вевчанските основци. Иако училиштето во Вевчани беше меѓу првите кое испрати барање за настава со физичко присуство за сите одделенија бидејќи во целост ги исполнува условите, сепак доби негативен одговор.
Директорот на училиштето и од Советот на родителите информираат дека револтот е голем кај сите, но најмногу кај децата кои сакаат да одат на училиште оти дома ги немаат потребните услови да ја следат наставата. Несфатливо е велат зошто училиште кое ги има обезбедено сите услови за безбедна настава треба да биде лишено од истата.
Најголемиот револт произлегува од условите за учење од дома кои не ги исполнуваат голем процент од основците, но и средношколците од овој регион односно многу од нив немаат компјутери дома.