Протест на „Еурокомпозит“: Бараме чин на добра волја од Владата за отпремнините

Работниците прогласени за технолошки вишок во „Еврокомпозит“ денеска протестираа во Прилеп барајќи од Владата, како што рекоа, чин на добра волја за исплата на отпремнините додека се решава ситуацијата со компанијата.

– Премиерот Зоран Заев рече дека го помага и ќе го помага „Еурокомпозит“ додека не излезе од кризата. Имало два стратешки партнери, требало да се реши за еден месец. Ако не, Владата ќе одвои три милиони евра за проблемите на „Еурокомпозит“. Го замолувам премиерот за знак на добра волја, во текот на наредната недела да се одвојат барем 150.000 до 200.000 евра за да ни се плати отпремнината и да видиме дека навистина работите почнуваат да се решаваат, изјави Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор.

Работниците не отстапуваат од барањата за исплата на отпремнините и на заостанатите плати и придонеси. Работниците денеска имаа средба со прилепската пратенчка Кети Смилеска, која најави наскоро решавање на проблемот.