„Прости ми- нека ти е простено” - се слави Прочка

„Прости ми. Простено да ти е и од мене и од Бога“. Со овие зборови денес православните христијани го слават празникот познат како Прочка. Според традицијата, секогаш помладиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштаваат и пријатели, роднини, соседи.

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања, најраспростаренет обичај е амкањето јајца, кој особено на децата им носи голема радост.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, во својата изјава повика преку чинот на простување и помирување да се совлада суетата и празното самозадоволство и побара сите да си пружат рака за помирување како одлика на чесни луѓе.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се огласи на фејсбук и напиша дека човечки е да се греши, исто како што е човечки и да се простува, нагласувајќи дека како христијанин не му е тешко да бара прошка од оние што ги сака и почитува.

Граѓаните пак и на овој ден не можат да соберат сила и да им простат на политичарите.

За православните христијани прочка претставува убава традиција, постарите сакаат да ги научат помладите да се почитуваат и искрено да ги љубат ближните.

Денот за сите е убава можност да се видат, да побарааат прошка но и да си посакаат здравје и среќа. Но, за дел од верниците ова е ден кога се сами и нема кој да им дојде на семеен ручек, бидејќи децата им се далеку од дома.

Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето. По Прочка, доаѓа Чист Понеделник, и почетокот на големите велигденските пости, кои траат седум недели, до големиот христијански празник Велигден.