Прославите за независноста го чинеле буџетот нула денари – финансиери биле општествено одговорни компании

Прославата по повод 35 годишнината од независноста на државата заврши, но по еуфоријата, светлата и огнометот, останува прашањето: Колку чинеше целиот спектакл и зошто за 35 години македонска независност мораше да се донесат Дејвид Гета и Хозе Карерас? Премиерот Христијан Мицкоски, при денешната посета во Штип кажа само дека трошоците за повеќедневната прослава биле нула денари, бидејќи, сè платиле општествено-одговорни компании, но не одговори за кои фирми станува збор.

Но, денес Призма објави дека на 28 април годинава Владата одлучила задачата за прославата да и ја додели на „Државна лотарија“. Само два дена по таа владина седница, „Лотарија“ распишала јавен оглас, кој бил според Законот за спонзорство и донации и затоа го нема на системот за јавни набавки. На тој Јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорирани настани по повод прославата, кој траел само 5 дена, се пријавила само Авалон. 

Призма вели и дека во огласот се бара светски артист со „А класа“ продукција кој ќе има настан на отворено со гарантирана посета од најмалку 30.000 луѓе. Описот се поклопува со синоќешниот настап на диџејот Дејвид Гета. Потоа се бара „интернационална светска ѕвезда од А класа“, во придружба на македонски артисти, односно настапот на оперскиот пејач Хозе Карерас, заедно со македонски музички ѕвезди. Пет дена по истекот на огласот, претставник на Авалон и на Владата, на прес-конференција објавуваат дека независноста ќе се слави со диџејот Гета и го најавуваат концептот. Оттогаш и почнуваат прашањата за парите што ќе се потрошат.

Од опозициската СДСМ пак пресметаа дека настапот на Гета чини најмалку 1 милион евра само за него и прашуваат дали Авалон фирмата е со блокирана сметка и на листата на должници на УЈП?

СДСМ: Настапот на Дејвид Гета чини најмалку 1 милион евра. Само за него. Ако на тоа се додадат бини, озвучувања, обезбедување, придружни актери и така натаму сумата значително се зголемува. Со сите активности и настани по некои проценки вкупната сума достигнува до 5 милиони евра. Прашањето е како е донесена одлуката да се потрошат над 5 милион евра? Авалон фирмата којашто ја најавува владата е со блокирана сметка и на листата на должници на УЈП. Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер?

За парите потрошени за прославата не одговори ниту Милошески од Авалон, возвраќајќи на новинарско прашање со контрапрашање, дрско и арогантно.

Мал дел од од атмосферата и прашањето Дали ти изгледам како идиот?

Инаку, вкупно досега се организираа 16 настани, најголем дел од нив таканаречените „Силно светнал ден“, а гостуваа и други светски познати диџеи.