Проширена истрагата за трагедијата во Кочани, скриен газда на агенцијата за обезбедување бил Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителството ја шири истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Три месеци по трагедијата, со истражната постапка е опфатен и сопственикот на агенцијата којашто го обезбедувала кабарето „Пулс“ во Кочани. За него се пронајдени докази дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување на имот и лица од Скопје. Од обвинителството информираа дека осомничениот се сомничи за тешки дела против општата сигурност, тој е приведен и за него ќе се бара притвор. Врз основа на судска наредба извршен е претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во неговиот автомобил, при што била одземена обемна документација поврзана со агенцијата за обезбедување и електронски уреди. Како што објавуваат повеќе медиуми се работи за Александар Нацев, член на ВМРО-ДПМНЕ, кој е идентификуван како таен сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

МВР во координација со јавен обвинител по наредба на судија на претходна постапка изврши претреси во две локации во Скопје и Пробиштип, во врска со агенција за обезбедување при што лишено од слобода е лицето А.Н.

МВР: Досегашниот тек на истрагата покажа дека сопственикот, заедно со управителот, како и со овластено лице на подружницата во Кочани, без да имаат склучено договор со кабарето „Пулс“ Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот.

Газдата заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, прекршиле повеќе членови од Законот за приватно обезбедување. „Тие без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот“, наведуваат од Обвинителството.