Проширена истрагата за „Адитив“
Притворени нови осум луѓе, од Битола, Кичево и Велес и извршен е претрес на една локација во Велес. Се проширува истрагата „Адитив“ за спорните набавки на адитиви за согорување на јаглен во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј, вредна 6,5 милиони евра.
Првично истрагата беше покрената на 10 декември лани во која беа опфатени 23 луѓе, меѓу кои и поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и неговиот наследник Васко Стефанов. Под истрага е и поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, поранешниот комерцијален директор на ЕСМ Адријан Муча, како и Данчо Стојановски – поранешен комерцијален директор на ЕСМ, и неговата братучетка Маја Јорданова – сопственичка на фирмата Браинкоде, од која е набавен адитивот, по цена три пати поскапа од пазарната. Таа се сомничи дека е организатор на злосторничкото здружение.
- Како резултат на обезбедениот доказен материјал, донесена е уште една Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. За истото дело се осомничени и уште пет други лица од кои на првоосомничената се товари и за кривично дело Злосторничко здружување. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Воедно, во предметот покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица опфатено е уште едно правно лице чиј сопственик и управител е првоосомничената. - пишува во соопштението од јавното обвинителство за гонење на организиран кримиал и корупција.
Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30 дневен притвор на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица, осомничени за криминал вреден 6,5 милиони евра. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а исто така осомничен во предметот Адитив.
На предлог на обвинителството доплнително се замрзнати без малку 22 милиони и 400 илјади денари како и едно патничко моторно возило во вредност од 4.735.000,00 денари.