Проширен тим од 11 обвинители ќе работат на истрагата

Проширен тим од 11 обвинители ќе работат на истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде загинаа 59 претежно млади лица.

Поради обемноста на случајот со повеќе вештачење и стотина сведоци - првиот човек на обвинителството Коцевски утринава одлуката ја донесе на координативен состанок со тимот на јавни обивнители, кои се дел од истрагата

„Првичните планови на истрагата упатуваат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области. Јавниот обвинител Коцевски побара од назначените обвинители ефикасна и темелна истрага која во детали ќе го испита секој аспект и правец на одговорност за трагедијата во Кочани. Во текот на денешниот ден обвинителите во Кочани преземаат дејствија за обезбедување докази“, соопштија од Обвинителството.

Обвинителскиот тим за случајот со катастрофалниот пожар три пати се проширува. Веднаш по несреќата во Кочани на 16 март јавниот обвинител формираше обвинителски тим, во кој беа вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Еден ден подоцна тимот се прошири на 9 обвинители. 

Јавното обвинителство досега има отворено истражна постапка против 27 физички, три правни лица како и против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.