Просечна плата од 450 евра
Растот на просечната плата во државата крена голема врева во јавноста. Во сред пандемија Државниот завод за статистика објави дека платите растат, а просечната стигнала до 27 588 денари, што е за 8% повеќе од 2019г.
Власта веднаш се пофали дека владините мерки даваат резултати. Опозицијата пак со критки, просечната плата порасна зашто тие кои изгубија работа не се вклучени во овој просек.
Но, што всушност се случи? Директорот на Статистика вели дека место за грешка нема. И во корона криза платите во ИТ сектерот и банкарството растат, а просекот го кренале и повисоките плати во здравството и образованието.
„Сосема е логично зголемувањето кое што се случи на платите и второ, а тоа можеби е и најбитна работа ние ги објавуваме податоците за плати, согласно податоците од УЈП. Тука нема истражување базирано на примерок , па статистичка грешна. Зборуваме за административен податок кај што нема грешка.“ - вели Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика.
Економистите пресметуваат дека растот на платите е воден од неколку параметри. Владината поддршка за придонеси што започна во декември 2019, растот на минималната плата, повисоките плати во неколу сектори, но и изгубените работни места.
„Поради пандемијата беа затворени 25 илјади работни места тоа се главно нископлатежни работни места кои што кога ќе се тргнат од списокот на плати автоматски се подкрева просекот. И една од главните причини што го водеше растот на просечната плата изминатата година, беше фактот што одредени сектори како ИТ, финансии, осугурување и сл и во текот на кризата перформираа слодно и тоа го одреди растот на платата.“ - вели Деспина Туманоска, економист во Фајнанс тинк.
Просечната плата во ИТ индустријата стигна до 66 500 денари, во бакарството 43 000, енергетиката до 39 000. Просекот го спуштаат платите во кожарството и конфекциите, кои се минимални, 16 000, односно 17 000 денари.
Очекувањата се дека годинава просечната плата нема да расте со она темпо како лани. Доцнењето на вакцините може да ја пролонгира кризата, а заштедите на компаниите се веќе стопени. Стагнацијата на платите, според економистите се очекува и поради прекинот на државната помош, која се исплаќаше до декември.