Проруски влијанија во Македонија - дали и бугарското вето е дел од такви сценарија?
На Балканот има држави кои се под влијание на Русија - Србија, Босна и Херцеговина, но и Бугарија, каде има силен проруски афинитет.
Ова на панел-дискусијата „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“ го истакна американскиот професор Едвард Џозеф, според кого, и Македонија под водството на експремиерот Никола Груевски била во оваа група на земји.
„Пример дека постојат проруски сили на Балканот се бугарската позиција за Северна Македонија, спорот помеѓу Србија и Косово, кои се во многу сензитивна ситуација.“ - изјави Едвард Џозеф виш предавач на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД.
Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска пак, вели, инвазијата е доказ дека ЕУ требаше да го промени ставот кон Западен Балкан уште пред најмалку седум години. Руското влијание во Македонија, но и во Грција, вели таа, прво се видело при потпишувањето на преспанскиот договор.
„Бев Шокирана кога видов дека од сите ЕУ земји, Бугарија беше прва во која се верува дека Русија е партнер. Пропуштивме да го видиме тоа, но јавното мислење влијае врз властите. Не успејавме да видиме дека ветото стои поради геополитички влијанија. Ваквите влијанија секогаш се скриени зад национализам.“ - изјави Радмила Шекеринска поранешна министерка за одбрана на Р.С. Македонија.
Професорот по меѓународна безбедност, Огнен Вангелов пак, се осврна на руското влијание во Македонија, кое според него, доаѓа по разочарувањето во земјава поради неотпочнувањето на преговорите со Европската Унија.
„Во земјава се оправдува руската инвазија во Украина, како што може да се види од социјалните мрежи. И последните анкети, пред инвазијата, покажаа дека во Северна Македонија има проруско расположение, а намалена доверба во Европската Унија.“ - изјави Огнен Вангелов професор по меѓународна безбедност на УАКС.
Во меѓувреме, во Македонија е повторно вратен амбасадорот Крум Ефремов. Тој посочи дека во земјава се вратени 95% од македонските граѓани кои побарале да бидат извлечени од Украина. Истовремено, има и украински граѓани кои побарале да мигрираат во земјава. На дел од нив, Ефремов им помогал да дојдат во Македонија, бидејќи тоа го побарале од него.

