Пропадна уште еден обид на Македонците во Бугарија да регистрираат здружение на граѓани

Пропадна уште еден обид на Македонците во Бугарија да регистрираат здружение на граѓани откако судот во Благоевград донесе решение да се одбие регистрацијата на „Македонски клуб за етничка толеранција“.

Здружението било формирано на 3 декември минатата година, а бугарски надлежни органи ја одбиле регистрацијата поради наводни неправилности во документацијата. Од здружението поднеле жалба и навеле дека причината е поради македонската самосвест и самоопределување на основачите со што им се оневозможува правото на здружување и се нарушува член 11 од конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Сепак судот во Благоевград денеска повторно ја одбил регистрацијата образложувајќи дека статутот на здружението не содржел јасни правила за членство. Во исто време официјална Софија останува на ставот дека земјава мора да ги стави Бугарите во уставот за да оди напред, и тоа го соопшти новиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.  

- Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘франциски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. - Георг Георгиев, Министер за надворешни работи на Р.Бугарија.

Инаку, Речиси 1.700 Македонци во 2024 година добиле бугарски пасоши, продолжувајќи ја тенденцијата на барање подобри можности за живот во европските земји. Ова го покажува годишниот извештај за активностите на Комисијата за бугарско државјанство, кој го објави бугарското радио БНР, повикувајќи се на податоците од кабинетот на потпретседателката Илијана Јотова.

Според извештајот, вкупно 16.500 лица лани добиле бугарско државјанство, што е за 4.000 повеќе од 2023 година. На врвот на листата се државјани на Украина, по што следат Турција и Молдавија. Северна Македонија е на четвртото место со речиси 1.700 добиени бугарски пасоши.