Промоција на романот „Во Акрата нема мостови“ од Миле Бошњаковски во МКЦ

ромоцијата на новиот роман „Во Акрата нема мостови“ од Миле Бошњаковски ќе се одржи вечерва со почеток во 19:00 часот, во Изложбениот салон на Младинскиот културен центар (МКЦ, кај главниот влез).

Романот отвора теми за патувањето, љубовта, семејството и врските што ги обликуваат човечките судбини, следејќи приказна што се движи низ различни простори, јазици и внатрешни премини.

За книгата ќе говорат новинарот и публицист Зоран Бојаровски и новинарката Катарина Синадиновска, кои во своите осврти ја истакнуваат нејзината „он роуд“ структура, атмосферата и емотивната нарација.

„Во Акрата нема мостови“ е втор роман на Бошњаковски, по „Погром – записите на Рафаел Дорон“. Лектор на изданието е Јордана Шемко Георгиевска, уредник Ана Мартиноска, дизајнот е на Бојан Ивановиќ, а уредник за верификација на информации е Јанис Јеруланос.

Книгата е веќе во продажба во книжарниците „Или – Или“, „Полица“ спроти СУГС „Јосип Броз Тито“, како и во „Литература“ во „Ист Гејт“, „Сити Мол“, „Дајмонд“, на ул. „Македонија“ и ТЦ „Буњаковец“, „Сакам Книги“ во книжарниците во центар Тифани, Лептокарија и капитол Мол во Аеродром, онлајн продажбата на „Литература“, како и во книжарата Просвета во Охрид.