Промоција на „Преобразби“ во македонскиот КИЦ во Софија
Foto

Промоција на „Преобразби“ во македонскиот КИЦ во Софија

Во Културно информативниот центар на РС Македонија во Софија деенска ќе биде промовирана книгата „Преобразби“, која е составена од поетски дела на македонскиот писател Владимир Мартиновски.

Ова литературно издание ќе биде претставено пред публиката од страна на издавачот Мартин Христов, од бугарското Издателство „Ерго“, од преведувачот, поетот и ликовниот уметник  Роман Кисјов, кој воедно го направи изборот и содржината на книгата, како и од самиот автор на поетските дела Владимир Мартиновски.

Книгата „Преобразби“ ќе биде претставена и на 12 мај, на Европската ноќ на литературата која во организација на странските културни центри и амбасади во Бугарија се одржува по десетти пат. Во дворот на Куќата-музеј на Пејо Јаворов во Софија, каде што ќе биде македонското читателско место, поголем број од заинтересираната публика ќе може да се запознае со поезијата на Владимир Мартиновски.

– Владимир Мартиновски (1974) е еден од најсилните претставници на средната генерација во литературата на РС Македонија – вистински ерудит и интелектуалец, повеќедимензионален творец, поет, белетрист, есеист, литературен критичар, преведувач, музичар, универзитетски предавач – професор по општа и компаративна книжевност… Автор е на дваесетина книги, од кои половината се поезија.  Вклучен е во различни антологии на современата македонска поезија. Преведуван е на многу јазици. Учесник е во бројни меѓународни литературни форуми, писателски резиденции и поетски фестивали. Тој има составено неколку тематски антологии, информираат од македонскиот КИЦ во Софија.

0 Коментари

Остави коментари