Промоција на нови книги за деца и млади од Венко Андоновски, Винка Саздова и Јагода Михајловска-Георгиева
Foto

Промоција на нови книги за деца и млади од Венко Андоновски, Винка Саздова и Јагода Михајловска-Георгиева

Промоција на новите книги за деца и млади на македонските автори Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева и Венко Андоновски во кои главните ликови се Стела и Сани, ќе се одржи денеска во Градскиот парк на Школка.

На настанот, како што соопшти Издавачкиот центар ТРИ, ќе се промовира и целата едиција сликовници „Стела и Сани“, како и новата „Еден облак бел и 12…“ напишани од Бистра Георгиева, а илустрирани од Катерина Николовска.

Целиот проект, што ги опфаќа книгите во издание на Паблишер, е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, а е во соработка со „Вертиго Вижуал“, кои се творците на овие двајца анимирани херои.

– Целта на овој проект е да ja искачи книжевноста за деца чекор погоре на скалата на уметнички, образовни и морални вредности. Токму затоа книгите се пишувани од едни од највлијателните творци на македонската проза. Макар што Сани и Стела се ликови во сите книги, тие се наоѓаат во различни ситуации и се на различна возраст. „Ѕвездена џунгла“ од Јагода Михајловска-Георгиева ќе ги однесе најмалите до вселената заедно со Едан и Асја, Винка Саздова, пак, во „Ти носам пустински песок“ ќе ги наведе малку поголемите нестрпливо да ѕиркаат во поштенското сандаче, а Венко Андоновски ќе ги повика тинејџерите да го допишат романот „Имаш пчела на носот“. Но иако се наменети за деца од различни возрасти, од најмали до тинејџери, книгите имаат иста идеја: квалитетна литература, наведуваат од Издавачкиот центар.

Настанот, посочуваат, ќе изобилува со активности, организирани на тој начин што ќе ја поттикнат детската љубопитност и желбата за знаења.

– Низ забава, почнувајќи од средба и читање со авторите, преку пеење со Стела и Сани, работилници и играње, децата ќе можат да стекнат трајни спомени од овие поучни и неповторливи мигови, додаваат во соопштението.

0 Коментари

Остави коментари