Промоција на книгата „Дневници на една љубов” од Лилјана Пандева
Foto

Промоција на книгата „Дневници на една љубов” од Лилјана Пандева

Книгата „Дневници на една љубов” од Лилјана Пандева, во издание на ПНВ Публикации, ќе биде промовирана вечерва во 19:00 часот во паркот пред Културно-информативен центар – Скопје.

Промотор на книгата е проф. д-р Кристина Николовска, извадоци од книгата ќе чита авторката Пандева, а настанот ќе биде збогатен со музичкиот настап на Нико Ѓоргески.

– Вештото перо на Лилјана Пандева, приказната за една вистинска љубов што стои исправена пред сите пречки во животот, распослана на два континента, во нашето совремие со сите предизвици на животот и смртта, навистина ќе го предизвика читателот не само да ја чита книгата туку и активно да учествува во неа, особено на крајот, како впрочем сите попатни ликови во животот на нејзините херои, наведува издавачот.

Лилјана Пандева дипломирала во 1989 година на Катедрата за југословенска книжевност и македонски јазик (денешна Катедра за македонска книжевност) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а со звањето доктор по филолошки науки се стекнува на Филолошкиот факултет при УКИМ со одбрана на докторската дисертација на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.

Таа е автор на: Новогодишни едночинки, книга за деца; на поетската збирка Љубов од А до Ш; на збирката раскази Канцелариски колумни; на романите Од агендата на Калина Калин, Возовите на Луцерн (преведени на германски јазик), Доилката (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на ДПМ за 2016 година). Добитник на две откупни награди за краток расказ на „Нова Македонија“. Автор е и на повеќе стручни трудови од областа на македонистиката.

Настанот од паркот на КИЦ – Скопје ќе има пренос во живо на фејсбук-страницата на КИЦ.

0 Коментари

Остави коментари