Промоција на кампањата „Носи кацига, вози безбедно!“ за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во оваа година покажуваат дека продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи, изјави денеска помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски, кој присуствуваше на промоција на кампањата „Носи кацига, вози безбедно!“ во Охрид.

Оваа кампања е во организација на МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје и е насочена кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети.

Како што изјави Ангеловски, минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.

Тој потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.

Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска изјави дека оваа кампања е за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети затоа што во овој временски период зголемен е бројот на учесници во сообраќајот како велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети.