Промоција на две реобјавени дела од Димитар Солев
Foto

Промоција на две реобјавени дела од Димитар Солев

„Арс Ламина – публикации“ на својата фејсбук-страница вечер од 19 часот ќе ги промовира реобјавените дела на Димитар Солев – „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“, кои неодамна  во нов дизајн излегоа во едицијата „Македонски книжевни класици“ на оваа издавачка куќа.

По тој повод ќе биде организиран онлајн-разговор со писателот Александар Прокопиев кој го напиша поговорот за новото издание на „Зора зад аголот“, а во фокусот ќе биде значењето на Димитар Солев и неговото творештво.

„Арс Ламина“ во својата едиција „Македонски книжевни класици“ реобјави во специјални изданија голем број култни македонски дела – девет книги од Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго и „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев.

-Надополнување на оваа амбициозна едиција се делата на Димитар Солев, а во план е во иднина да бидат објавени уште многу дела што се сметаат за столбови на нашата литература, со цел да допрат до новите генерации читатели, соопшти издавачката куќа.

Димитар Солев (1930, Скопје) е раскажувач, романописец, драмски автор, есеист, книжевен критичар и преведувач. Бил уредник во Телевизија Скопје, директор на Македонската радио-телевизија, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“, член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија и во еден период и негов претседател.

0 Коментари

Остави коментари