Промоција и разговор со словенечкиот писател Драго Јанчар

Вечер (19.00) во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“ е организиран промотивен разговор со словенечкиот писател Драго Јанчар кој деновиве ќе престојува во Скопје, во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“.

Промотивниот разговор со Јанчар ќе се однесува на романите „Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“, кои се објавени на македонски јазик под импринтот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Драго Јанчар, роден 1948 година е еден од најпознатите современи словенечки писатели, гласен политички критичар и граѓански активист. Неговите дела добиваат престижни награди, како: наградата „Прешерн“, наградата „Кресник“ – за најдобар роман на годината, наградата „Хердер“, Европската награда за литература. Неговиот драмски текст „Големиот брилијантен валцер“ е поставен во Македонскиот народен театар во Скопје (1986) и во Народниот театар во Прилеп (1990). Од 1995 година е член на Словенечката академија на науките и уметностите.