Производителите на сончоглед бараат дополнителна субвенција од 7 денари

Митат Исмаиловски од битолското село Будаково минатата пролет посеал 114 хектари со сончоглед. Се надевал на добар принос и заработка, оти велешки Кристал е нивниот редовен откупувач и плаќач.

Но, ни најмалку не помислил дека него и неколку стотини пелагодниски одгледувачи на сончоглед, ќе ги снајде климатска катастрофа. Без дожд и драматично намален принос, овие луѓе се на работ на егзистенцијата, а културата која ја одгледуваат може да исчезне од нивите. Затоа денеска се собраа во велешката фабрика, да ги молат надлежните да интервенираат,државата да им даде седум денари по килограм предаден сончоглед, интервентна субвенција.

Штетата е двојна, вели Тоде Лазаровски од битолско Ивањевци. Тој објаснува дека не само сончогледот, туку проблем ќе има и со пченицата, оти поради загубите, никој не ја сее, па се прашува што ќе јаде народот годинава.

Од друга страна, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски за вчерашното издание на Аргумент плус вели дека овие земјоделци не го повикале на разговор, но ги покани тие да дојдат кај него. 

Одгледувачите на сончоглед велат дека поради природата на нивната работа, која бара постојано присуство на нива, не можат да се соберат и да протестираат. Ако не ни дадат дополнителни 7 денари по килограм, сончогледот ќе го снема, а земјава повторно ќе мора да увезува по многу поскапа цена, како што тоа беше пред десетина години, велат тие.