Прогласена природна непогода од град и поплави во Делчево
Поплавени подрумски простории на куќи и згради, оштетен асфалт и автомобили, ваква е сликата во Делчево, ден по вчерашното невреме кое го зафати градот и околината. Граѓаните велат дека не е прв пат да се случи вакво нешто, но дека овој пат е најлошо.
Според дел од оштетените граѓани, причината за огромните штети ја гледаат во атмосферската канализација.
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој во текот на ноќта и утринава бeше на терен.
Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град, а исто така беше донесена и Одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и Заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
- Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата. - велат од општината.
За својата работа, Комисијата изработува Извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и го доставуваат до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата на Република Северна Македонија. Ова Решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Делчево “.
Од вчерашното невреме поплавени се приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се и коловозите на неколку сообраќајници, поддршка и помош пристигна од повеќе општини за враќање на градот во нормала и санирање на штетите, а дефектите на водоснабдителниот систем што настанаа по синоќешното невреме веќе се санирани и граѓаните може да ја користат водата за пиење.