Проектот за изградба на Коридорите 8 и 10 продолжува да ја бранува јавноста
Ден по потпишувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на патничките коридори 8 и 10 д, опозицијата со нови обвинувања за склучување сомнителни договори при изборот на фирмите кои треба да го вршат надзорот на изградбата и да даваат консултантски услуги.
Групација фирми предводена од италијанската ИРД инжинеринг ќе го врши надзорот, а опозицијата обвинува дека тоа е изведувач кој го проследуваат доста контроверзи.
- ИРД Инжинеринг, која треба да го врши надзорот, преговарала и со изведувачот и го составила договорот, кој владата го потпиша. Конзорциумот воден од ИРД е во состав на фирми со сомнителна позадина. Евро Консалтинг, фирма на Бранимир Димитријевиќ, кој во Ерменија е гонет за коруптивни скандали е исто така дел од Конзорциумот на ИРД. Сомнежите за нерегуларности го следат целиот процес, од почетокот, па се до промената на условите за учество на јавниот повик, кои кога се гледаат објективно индицираат дека одат во корист на ИРД. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста ја брануваа и доста реакции проследени со сомнежи и наводи за коруптивни дејствија и за другите две фирми во конзорциумот за надзор Електра Солушнс и Ептиса. Опозицијата обвини дека Електра Солушнс е основана само три недели пред да се објави јавниот повик, додека за шпанската фирма Ептиса Владата во 2020 година дава негативна оценка, за две години подоцна сепак оваа фирма да го добие тендерот.
Сите овиее обвинувања во јавноста пак, според универзитетскиот професор Леонид Наков даваат впечаток оти се фрла сомнеж врз изведувањето на голем капитален проект чија реализација се уште не е започната.
Договорот потпишан вчера е во вредност од 1,3 милијарди евра за 108,8 километри автопатски делници, што значи дека за изградба на еден километар цената ќе изнесува 12 милиони евра.
Наводите пак за коруптивни дејствија при изборот на фирми кои ќе го вршат надзорот ќе ги разгледуваат и антикорупционерите, од каде за ТВ 24 велат дека предметот веќе е оформен и се наоѓа во фаза на прибирање документи со цел да се утврди дали има корупција во тендерот за надзор вреден 22 милиони евра кој го доби групацијата фирми предводена од италијанската ИРД Инжинеринг.