Проект „Скопје 2014“: Дел од објектите ќе се уриваат, дел ќе се демолираат

Дали Владата ја префрла топката за справување со спорните објекти од проектот „Скопје 2014'?

Откако беше објавено дека Владата достави барање до општина Центар за уривање на Порта Македонија и дислокација на споменикот на Мајка Тереза попладнево во изјава за ТВ 24 велат дека Владата не е за уривање на објектите но бара од општина Центар да го ревидира Деталниот урбанистички план познат како „Мал ринг“ што го опфаќа јадрото на Скопје. При тоа Владата оценува дека Порта Македонија како објект не ги попречува пешаците што секојдневно таму поминуваат ниту го попречува моторен сообраќај. 

„Врз основа на добиените мислења од надлежните институции Владата и предложи на Општина Центар да го ревидира предметниот ДУП по решенијата и да види дали истиот е усогласен со овие општи генерални забелешки кои произлегуваат од различните мислења на надлежните институции. Со мислењето дадено до Општина Центар, Владата не укажува дека треба да се рушикој било од споменатите објекти, туку препораката е дека предметниот ДУП треба да се разгледа и усогласи од страна на Општина Центар имајќи ги предвид мислењата кои се дадени и од Комисијата.“ - велат од Владата.

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ за ТВ 24 вели дека следната недела на работен состанок заедно со министерството за култура и Владата ќе утврдуваат која институција каков правен акт треба да донесе за да може да се спроведе процедурата на уривање и отстранување на спомениците. 

Освен Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза, од Работната група до Општина Центар доставиле и барање за бришење на т.н. „Шпански скали“ , а спомениците од Плоштад Македонија да се дислоцираат. 

Освен спомениците за скоро ќе ги нема и трите галии поставени во коритото на реката Вардар. Иако Град Скопје на почетокот на годинава кажа дека нема шест милиони евра за да ги тргне галиите, денеска градоначалникот Петре Шилегов изјави дека успеале да ја доведат правната ситуација во состјба со која нема да има трошоци од буџетот на градот за отстранувањето на трите галии.

Порта Македонија, споменикот на Мајка Тереза и трите галии се дел од проектот „Скопје 2014“ дело на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Со него беше предвидено изградба на 137 објекти а за нивна изградба беа ангажирани 146 фирми, 9 леарници и 151 автори на идејни решенија. Целиот проект чинеше 700 милиони евра.