Продолжуваат реакциите за амнестијата за организаторите на 27 април
„Сега веќе кога е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи“, вака премиерот Христијан Мицкоски го коментира решението на Кривичен за „Крвавиот четврток“-откако судот ја прекина постапката и ги амнестира Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски.
„Јас судијата не го познавам, ниту некогаш физички сум го видел, ниту сум се поздравил, ниту пак да го видам нема да го препознам, во тој дел не би сакал да коментирам можеби треба за тоа да дадат одговор сите оние кои вршеа притисок, преку еден политички монтиран процес, луѓе денеска лежат во затвор седум/осум години поради тероризам. Ќе повторам, никој од нив не вели дека не направил грешка-направил, но никако не се теротисти. Сега веќе кога е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи. Тие луѓе за тој престап, доволно време поминале таму.“ - Христијан Мицкоски претседател на Влада на РСМ.
Адвокатот Драган Пешевски за ТВ 24 вели дека на никој не ја спори слободата, но судството за едни е мајка, за други маќеа.
„Прво да им ја честитам слободата на тие што ја добија. Тоа беше правно техничко прашање, дали одреден Закон за амнестија важи или не важи-тоа прашање се разреши. Но, се разреши на одреден начин којшто и онака зголемената горчина кон судството ја зголеми уште повеќе. Не само што се добива впечаток, туку тоа е факт како поминуваат одредени големци од политиката кои ќе се најдат во судир со правосудните органи, како поминуваат обичните луѓе. Не спорам ни една слобода, напротив им ја честитам. Мора да признаеме дека судството за едни е мајка, за едни маќеа и луѓе лежат веќе осма година затвор, а други веќе се пуштени на слобода за нешто што според мене не е кривично дело-терористичко загрозување на уставен поредок.“ - Драган Пешевски адвокат.
Опозициската СДСМ писмено ни одговори дека со вакво решение, се испраќа опасна порака.
„По скандалозната одлука на судот очигледно е дека заканите на Мицкоски кон судството и обвинителството, како и неговата спрега со ДУИ даваат резултат. На 27 април 2017 година, македонската демократија беше нападната на најбрутален начин. Со одлуката на судот да ги амнестира обвинетите за организирање на ова насилство, правдата претрпува тежок удар, а македонското општество се соочува со опасен преседан. Како е можно напад од вакви размери врз највисоката институција на државата да нема организатори? Зарем некој може да поверува дека толпа граѓани сама по себе, без координација и план, пробила полициски кордон и насилно го запрела демократскиот процес?Одлуката испраќа опасна порака - дека насилството врз институциите и обидите за уривање на државноста може да поминат неказнето.“ - СДСМ.
Судијата Илија Трпков, вчера кажа дека уривањето на Собранието е уривање на државата. Според судијата на крајот ќе излезе дека обвинетите за 27 април сами се организирале и влегле да кршат во законодавниот дом. Одбраната пак, посочи дека не смеело да биде одобрен обвинителен акт, но сепак после шест години притвори, куќни притвори и понижувачко однесување, судот ја донел единствената можна одлука-да ги амнестира обвинетите. За настаните на 27 април повикаа јавниот обвинител да истражи кои се организаторите.
Претходно, обвинителот поднесе мислење дека Вељановски, Ристовски и Јанакиевски треба да бидат опфатени со Законот за амнестија од 2018-та и за нив судењето треба да запре. Ваков предлог немаше само за четврто обвинетиот Владимир Атанасовски кој се гони од позиција на поранешен директор на УБК. Мислењето следеше откако Апелација во април мината година ја укина пресудата на Кривичен, предметот го врати на повторно судење.