Продолжуваат разговорите со земјоделците и откупувачите на црвена пиперка
И понатаму нема решение за откупната цена на струмичката ајварка. По протестот, на кој производителите го искажаа револтот од непочитувањето на последните договорени цени, вчера на тричасовна средба, организирана од министерот за земјоделие Борче Серафимовски, за прв пат на заедничка маса седнале претставници на земјоделците, откупувачите и на фабриките, како три неразделни алки од овој синџир.
Но, решение на повидок нема.
Месно здружение на млади Муртино
- Нешто кое експлицитно се призна и во кое сите страни бевме согласни е тоа дека претходно договорените цени не се почитуваат и секоја од страните ги објасни своите причини за истото. На состанокот беа предложени повеќе различни предлог решенија од повеќе страни, но за жал ниту едно не наиде на официјално согласување од трите страни.
Струмичките земјоделци потсетуваат дека претходно ги разбрале потешкотиите со кои што се соочува преработувачката индустрија и затоа уште тогаш направиле значителна отстапка од нивните првични барања, со цел да се договорат на цени кои што ќе бидат фер и од заедничка полза за сите три страни. Тие тврдат дека нивниот став останува непроменет и бараат единствено почитување на договорот од 11.август годинава.
Од друга страна пак, Премиерот Христијан Мицкоски денес порача дека Владата ги поддржува земјоделците и според него, нивните барања се легитимни.
Инаку, струмичките земјоделци изминатиот период протестираа во повеќе наврати, барајќи државата да ги заштити од, како што велат, ценовните манипулации на откупувачите.

