Продолжуваат протестите во кочанско, членовите на Грин.орг се повлекуваат од блокадите
Продолжува блокадата на патот кон Пониква заради проблемот со загадувањето од комуналната депонија, но од денес жителите на Кочани продолжуваат со целодневна блокада без поддршка од Еколошкото здружение на граѓани “Грин орг”.
За разлика од еко здружението, на четвртиот ден граѓански протести, целосна поддршка жителите добија и од Левица, која го поддржува граѓанскиот протест и потсетува дека не постои повисок интерес од јавниот, при што здравјето и животот на жителите на Кочани се највисок приоритет.
- Да биде обезбедена постојана стражарска служба и да се почне со оградување на просторот бидејќи неовластени лица постојано престојуваат на депонијата и палат отпад за да заработат за преживување. Да се побара од надлежното Министерство да учествува во обезбедувањето услови депонијата да функционира без граѓаните тоа да го плаќаат со здравје и живот. - Левица.
Процесот се усложни и проблемот стана сериозен кога почна затворањето на депониите во помалите општини и количините на отпад на кочанската депонија се зголемија за дополнителни 50%. Крајното решение на овој проблем е изградбата на регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци, која треба да биде изградена за две години.
Инаку, вчера градоначалниците на општините Кочани, Виница и Зрновци на заеднички состанок побараа вклучување и на Министерството за животна средина, сѐ со цел да не дојде до загрозување и прекинување на реализацијата на европскиот проект за управување со отпад.