Продолжуваат обвинувањата околу изборниот законик кој заглавен во Собрание
За опозицијата, прашање од клучно значење, а за премиерот – политичка естрада. Изборниот законик повторно ја бранува политичката јавност во државата, во пресрет на посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Од политичката партија Левица и денеска останаа на ставот дека е потребно да се постигне консензус, со кој во иднина народните претставници во Собранието ќе се избираат во една изборна единица. Оттаму, ова го поставија како еден од клучните услови за деблокирање на процесот во Собранието токму по ова прашање.
Од СДСМ, пак, обвинија дека власта не се стреми кон реформи, туку, како што велат, кон изборна кражба и манипулација со стотици илјади гласови од дијаспората.
СДСМ: „Ја укина техничката влада на сила и без консензус. Откако моделот за електронско гласање на дијаспората не помина, тој се обиде да протурка нов модел за гласање по пошта – повторно без никаква контрола и без гарантирање на волјата на граѓаните. Проблемот е кај Владата, кај Мицкоски, кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“, велат од СДСМ.
За премиерот Христијан Мицкоски, пак, блокирањето на процесот претставува политичка естрада, која опозициските партии ја користат за, како што вели, додворување на својот електорат. Според првиот човек на македонската Влада, реформската агенда на државата е речиси исполнета, при што останува единствено да се реши прашањето со Изборниот законик, за што остава отворен простор за договор со опозицискиот блок.
Неусогласувања околу ова прашање има и во албанскиот политички блок, а претходно од опозициската СДСМ беа поднесени и 10.000 амандмани во Собранието.

