Продолжуваат нападите врз Иран

САД реализираа воени операции врз островот Харг, кој претставува критична точка за иранскиот извоз на нафта, што дополнително ја засилува геополитичката тензија меѓу САД, Израел и Иран.

Нападите, изведени во петокот навечер, беа насочени кон воена инфраструктура на островот, кој претставува централна артерија за транспортот на иранската сурова нафта. Американските воени извори нагласуваат дека операцијата била дизајнирана да избегне директно оштетување на нафтените објекти, концентрирајќи се на воени складишта, бункери со ракети и поставки за морски мини.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека „секоја воена цел“ бил успешно погодена и предупреди дека нафтената инфраструктура може да стане потенцијална цел доколку Иран продолжи со ограничување на транзитот низ Ормускиот теснец. Овој теснец е еден од најкритичните енергетски коридори во светот, преку кој минуваат приближно 90 проценти од иранската сурова нафта.

Доналд Трамп, претседател на САД

„Пред само неколку моменти, Централната команда на САД спроведе еден од најмоќните воздушни напади во историјата на Блискиот Исток, целосно погодувајќи ги сите воени цели на островот Харг, бисерот на Иран. Одлучив да ја зачувам нафтената инфраструктура, но доколку Иран или друг чинител се обиде да го попречи слободното и безбедно поминување на бродовите низ Ормускиот теснец, веднаш ќе ја преиспитам оваа одлука“, изјави Трамп.

Иранската новинска агенција Фарс, поврзана со Иранската револуционерна гарда, јави дека за време на американските напади се слушнале повеќе од 15 експлозии. Според Фарс, мета на нападите не била нафтената инфраструктура, туку противвоздушната одбрана, поморската база, контролната кула на аеродромот и хангарот за хеликоптери.

Нападот врз островот Харг повторно ја активира загриженоста на светските енергетски пазари и отвора прашања за можен нов бран на зголемување на цената на нафтата. Островот има клучна улога во иранската нафтена индустрија, бидејќи преку него се извезува најголемиот дел од иранската сурова нафта, па така секое загрозување на инфраструктурата директно влијае на глобалната енергетска стабилност.