Продолжуваат нападите на Блискиот исток
Конфликтот на Блискиот Исток се интензивира. Иран изврши напади со ракети и беспилотни летала врз неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Израел, Катар и Обединетите Арапски Емирати, додека Израел и САД возвратија со воздушни напади врз ирански цели и во Либан. Американските сили целосно уништиле 16 ирански пловила кои поставувале мини во Ормускиот Теснец. Пентагон разработува дополнителни опции по директива на американскиот претседател Доналд Трамп, доколку биде потребно, морнарицата, да ги придружува танкерите што минуваат низ оваа важна трговска рута.
Каролин Ливит - портпаролка на Белата куќа: „Иранскиот режим лажеше, ги мамеше Соединетите Американски Држави, очигледно обидувајќи се да ја продолжи својата нуклеарна програма за да создаде оружје кое, секако, би ги загрозила САД. Нивниот арсенал на балистички ракети, тие брзо и агресивно го зголемуваа секој месец“.
Иранските лидери ја отфрлија можноста за разговори и му се заканија на американскиот претседател. Продолжува и израелската операција на цели во Либан.
Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел: „Водиме кампања против суров непријател кој сака да не уништи. Ги уништивме нивните нуклеарни и балистички капацитети. Наместо да ја научат лекцијата, тие се обидоа да ги обноват и да ги закопаат длабоко под земја што повеќе не можевме да ги таргетираме. Моравме да се впуштиме во оваа кампања“.
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е безбеден и здрав, и покрај тоа што претрпел воени повреди, изјави Јусеф Пезешкијан, владин советник и син на иранскиот претседател.
Јусеф Пезешкијан – владин советник: „Ја слушнав веста дека Моџтаба Хамнеи е ранет. Прашав некои пријатели кои се поврзани со него. Тие ми кажаа дека, фала му на Бога, е жив и здрав“.
Иранскиот амбасадор во Обединетите нации повторно упати критики до Советот за безбедност дека молчат за војната на САД и Израел против Иран.
Амир Саид Иравани - амбасадор на Иран во ОН: „Советот ги затвора очите пред овие сериозни прекршувања, и покрај неговата примарна одговорност според Повелбата на Обединетите Нации да одржува меѓународен мир и безбедност“.
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Трамп „не би бил задоволен“ ако Русија споделува разузнавачки информации со Иран во војната, но се воздржа од какви било остри критики кон Москва.

