Продолжуваат контролите во фирмите кои се занимаваат со производство и трговија на медицинска марихуана

Вонредни контроли влегуваат во фирми и се проверуваат 43 лиценци за производство на медицински канабис. Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека засега има две комисии, едната составена од Министерството за здравство која според Алиу работи во континуитет и веќе имаат информација за архивирани предмети.

Другата комисија е меѓуресорска, формирана од 2017 година и била активна но немала досега никаков извештај.

Азир Алиу-министер за здравство

„Едната комисија ја формира МЗ, брои пет члена - двајца од Министерството, еден од Институтот за јавно здравје, еден од МАЛМЕД и еден од Министерство за земјоделие, а надлежна е за две работи - да ги анализира административните процедури и да дава согласност за лиценци. Другата е меѓуресорската, со многу пошироки ингеренции, која ги анализира политиките за овој тип на процеси.“ 

Според премиерот Христијан Мицкоски, претходно направениот Правилник бил направен на диво месо и спротивен на Закон. Тој вели дека оној кој го донел тој Правлинк свесно влегол во кривично дело и тоа било почетокот на организираниот криминал.

ИЗЈАВА Христијан Мицкоски-претседател на Влада на РСМ

„Најголемиот дел се во затвор позади решетки. Има уште некои кои периодов којшто следи ќе се најдат таму. Мораме да покажеме и докажеме дека работата со криминалот е неисплатлива професија и жестоко ќе биде санкционирана. Нема да има пардон додека јас ја предводам Владата. Знаете до пред четири-пет години какви битанги и бараби и банди, хараа низ Македонија, фала Бога сега тоа го нема и тие се таму кај што се.“      

Опозициската СДСМ обвинува за неажурност на власта за овој случај.

СДСМ

„Медиумите во Србија објавуваат нови информации што отвораат сериозни сомнежи. Според тие информации, уапсен функционер на Српска напредна странка, сестринска партија на ВМРО, поврзан со заплената во Крушевац, бил близок со српскиот министер за одбрана Гашиќ и изјавил дека станува збор „за државна работа“. Доколку ова се потврди, се отвораат нови сомнежи за можна поврзаност и на други функционери блиски до ВМРО.“

Завчера, Владата на седница даде зелено светло за проверки во сите правни субјекти коишто се занимаваат со одгледување марихуана и производство на масло од канабис. Ова доаѓа откако беше запленета над 40 тони марихуана за која што институциите освен што велат истрагата е во тек, не откриваат детали. Извори од истрагата за преминувањето на петте тони марихуана од земјава кон Србија за Телевизија 24 велат дека марихуаната, пломбираната роба не била проверена на царина, а во документите бил заведен сосема друг производ.Претходно, од Царина за Тв 24 само кусо одговорија дека работат со институциите. 

Пред неколку дена и во струмичко Ново Село беше запленета марихуана над 30 тони.