Продолжуваат израелско-американските напади во Иран

Додека Израел и САД продолжуваат да го бомбардираат Иран, Техеран одговара со ракетни напади и напади со беспилотни летала и се заканува дека ќе го држи Ормутскиот теснец затворен.

Американски воен авион за полнење гориво кој учествувал во операцијата против Иран, се урна во Ирак, при што загинале четворица од шесте членови на екипажот. Во инцидентот учествувале два авиона, од кои вториот слетал безбедно. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран плаќа голема цена.

Доналд Трамп – претседател на САД

„Ситуацијата со Иран се движи многу брзо. Оди многу добро. Нашата војска е ненадминлива. Никогаш немало нешто слично. Ние го правиме она што мораше да се направи. Требаше да се направи во период од 47 години. Можеше да го направат многу различни луѓе. Тие избраа да не го сторат тоа. Но, тие навистина се нација на терор и омраза. И плаќаат голема цена токму сега“. 

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека еден француски војник е убиен, а неколку се ранети за време на напад со беспилотно летало во регионот Ирбил во ирачки Курдистан.

Емануел Макрон – претседател на Франција

„Овој напад врз нашите сили вклучени во борбата против ДАЕШ од 2015 година е неприфатлив. Присуството на француски војници во Ирак е строго во рамките на борбата против тероризмот. Војната во Иран не може да ги оправда ваквите напади.“

Вооружен маж е убиен откако со автомобил влетал во синагога во Детроит, во американската сујузна држава Мичиген. Претходно, Израел соопшти дека почнал нов бран напади врз иранската престолнина Техеран, а го таргетира и Хезболах во Либан. Нетанјаху вели дека во нападите е убиен врвен ирански нуклеарен научник.

Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел

„Додадов уште една цел, а тоа е да се создадат услови иранскиот народ навистина да го отстрани од себе овој ужасен тирански режим. Ќе создадеме оптимални услови за да го спроведеме ова“. 

И Иран продолжува со напади во Израел и земјите од Заливот. Техеран вели дека според меѓународното право, има право да ги таргетира американските бази кои се користат против Иран.

Есмаил Багаеи - портпарол на МНР на Иран

„Мислам дека на сите, особено на земјите од регионот, им стана јасно дека американското воено присуство во нивните земји не создава безбедност, туку несигурност. Стана товар за нив. Ги нарушува пријателските односи меѓу земјите од регионот и раѓа поделби“.

Белата куќа соопшти дека ќе им додели на земјите 30-дневна лиценца за купување санкционирана руска нафта која моментално е заглавена на море. Секретарот за финансии на САД изјави дека Американската морнарица ќе ги придружува бродовите низ Ормутскиот теснец. Иранската револуционерна гарда најави дека ќе ја блокира испораката на нафта од Персискиот Залив сè додека не престанат американските и израелските напади.