Продолжува вековната традиција „Сурова“ во делчевско Ѕвегор

Во делчевското село Ѕвегор „ечи” Василичарскиот поздрав „Сурова“, како дел од стогодишната традиција преточена во карневалот на отворено наречен „Ѕвегорска Сурова“.

Главната карактеристика на традицијата за овој настан е „истерувањето на злото“ од селото, за што се задолжени големиот број маски, кои се препознатлив знак на Ѕвегорска Сурова, карневал на отворено во кој најкарактеристична маска е невестата, чие лице до завршувањето на Сурова не смее да биде откриено, а потоа кога завршува карневалот нејзиното лице се открива и се дарува со разни подароци. По традиција сите учесници се од машкиот пол, а всушност тие со своите маски прикажуваат свадба. 

По откривањето на невестата во доцните вечерни часови, учесниците во манифестацијата го бираат и новиот кум, кој има задача да биде главен организатор следната година. Василичарскиот обичај, пак на Ѕвегорска Сурова е посета на домовите на жителите, традиција стара над 100 години, за која се верува дека ќе им донесе среќа и бериќет во новата година. 

Суроваскарите меѓу останатите куќи ја посетија и куќата на овогодишната кума, која е задолжена за организацијата на оваа невообичаена процесија на културното наследство, која заедно со традиционалната суроваскарска вечера се организира во селскиот дом.

По завршувањето на Ѕвегорската Сурова се организира заедничка вечера, на која се делат даровите кои „суроваскарите” ги добиле од мештаните за време на посетата на нивните домови.

Инаку, како дел од народната традиција која се негува во селото Ѕвегор на празникот Свети Василиј, секој жител станува рано и во раце зема метални пари и ги растресува за да се слушне нивното ѕвонење, со цел новата година да биде богата. Потоа се изведуваат уште неколку обичаи карактеристични за овој ден, проследени со желба за радосен живот на жителите на Ѕвегор.