Продолжува трендот на пораст на економската активност во ТИРЗ, близу 160 милиони евра нови странски инвестиции
Foto

Продолжува трендот на пораст на економската активност во ТИРЗ, близу 160 милиони евра нови странски инвестиции

Продолжува трендот на пораст на економската активност во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) и во август, трендот е стабилен и очекувам да продолжи и до крајот на годинава. Вкупното ниво на нови странски инвестиции кои се веќе договорени, потпишани или се во процедура на одобрување во Влада е близу 160 милиони евра. Предвидено е да се отворат над 2.500 нови работни места и очекуван нови извоз кој ќе се генерира од тие инвестиции во наредните 10 години од близу три милијарди евра, порача денеска директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Економската активност во делот на извозот за периодот јануари – август 2021 година во однос на истиот период од минатата година, посочи, е зголемена за речиси 51 процент, вкупното  ниво на извоз достигна над 2,04 милијарди евра, што во споредба со пред пандемискиот период во 2019 година има пораст од 11 проценти, а во споредба истиот период од 2018 година вкупниот извоз е поголем за речиси 32 процента.

-Овие бројки јасно укажуваат дека економијата во рамки на ТИРЗ не само што ги надмина последиците од пандемијата, туку веќе влегуваме стабилно во зоната на пораст, рече Деспотовски на денешната прес-конференција на која ги презентираше деталите од компаративната анализата за економските активности во ТИР зоните од почетокот на годинава до сега, реализирани и планирани странски инвестиции, како и преземени активности и иницијативи за поттикнување на инвестициите.

Очекува до крајот на годината да продолжи стабилниот тренд на пораст во ТИРЗ и , како што рече  овие 2,04 милијарди евра да ја надминат  бројката од три милијарди евра.

-Во август имаме пораст од 24 проценти во  споредба со истиот месец лани, во однос на 2019 година порастот е 26 проценти, а во однос на 2018 година е 45 проценти. Вкупниот обем на извоз во август годинава во ТИРЗ е 275 милиони евра што е најмногу после април што укажува дека економијата е веќе влезена во стабилна во сегментот на извоз. Во делот на увозот во кој влегува и увозот на опрема заради засилена економска и инвестициска активност на компаниите има евидентно засилување на активностите и за периодот јануари –август 2021 година во однос на истиот период лани увозот е зголемен за 64 проценти и изнесува 2,036 милијарди евра, во  однос на истиот период од 2019 година  е зголемен за речиси 18 проценти, а во споредба со тој период од 2018 година за 55 проценти, рече Деспотовски и додаде дека во увозот влегува увозот на репроматеријали, но и увозот на опрема и машини.

Во август годинава, прецизира, увозот во ТИРЗ е 269 милиони евра што е пораст од 10 проценти во споредба со истиот месец од минатата година, 26 проценти пораст во однос на август 2019 година и 38 проценти пораст во споредба со август 2018 година.

-Засега увозот има стабилна траекторија на пораст и очекувам и покрај предизвиците со кои се соочуваат компаниите да продолжи до крајот на годинава таквата траекторија на пораст, рече Деспотовски.

Број на вработени во август 2021 година во споредба со ланскиот август, посочи, бележи пораст од 7,35 отсто.

0 Коментари

Остави коментари