Продолжува сагата на вработените во националниот парк „Шар Планина“ со дел од операторите на Попова Шапка

По вчерашниот инцидент со дел од операторите со ратраци на Попова Шапка, денеска на Фејсбук страната на Националниот парк „Шар Планина“ осамна нова објава, овој пат наводи за поткуп кој во износ од 300 илјади денари вчера легнале на сметка на установата, додека нејзиното раководство било во Полициската станица Тетово, каде давало изјава за конфликтот на терен.

Од Националниот парк на Фејсбук  денеска наведуваат име на ресторан од чија сметка била извршена уплатата, притоа наведувајќи дека тој ресторан не е официјален оператор за скијање со ратрак и со нив немаат склучено договор, ниту пак поседуваат лиценца за туризам. 

„Средствата се уплатени без претходно издадена фактура или барање за уплата и ќе бидат вратени во првиот нареден работен ден. За случајот е известен и Секторот за економски криминал“, стои во соопштението.

Од Националниот парк „Шар Планина“ бараат темелна истрага за вчерашните случувања и спреченоста да ги заштитат природните вредности на планината.