Продолжува сагата на транспортерите од Македонија и од регионот
Хрватска нуди решение за проблемот со ограничениот престој на македонските и регионалните возачи во ЕУ. Таа е првата земја членка која јавно понуди конкретен модел за излез од кризата со правилото 90 во 180 дена.
Станува збор за издавање таканаречени Д визи – еден вид работни визи за подолг престој, кои би им овозможиле на возачите дополнителни 10 до 20 дена работа во земјите од Шенген. Генералниот секретар на Макам-транс, Билјана Муратовска, вели дека измените на европската визна стратегија кои ги разговараат работните групи, би траеле од една до две години, што за превозниците е предолго. Затоа, како што посочува, решението се бара преку билатерални договори со поединечни држави.
Според Муратовска, министрите за внатрешни работи, транспорт и надворешни работи и трговија Тошковски, Николоски и Муцунски веќе започнале иницијативи за разговори со земјите каде што македонските компании најмногу работат.
Српската Стопанска комора вчера соопшти дека хрватската влада понудила транспортните компании од Србија, кои имаат договори со фирми од ЕУ, да добијат долгорочни визи за своите возачи. Хрватска најавила дека прва ќе ја почне процедурата и ќе го предложи моделот и на другите земји членки, а интерес веќе изразила и Унгарија, со оглед на недостигот од возачи и економските загуби од застојот во транспортот. Проблемот настана поради воведувањето на електронскиот граничен систем и строгата примена на правилото 90 во 180, според кое возачите од земјите надвор од ЕУ не смеат да престојуваат повеќе од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната.
Поради тоа, балканските превозници во јануари организираа блокади на граничните премини, предупредувајќи на сериозни последици. Регионалните компании велат дека мерките директно ја загрозуваат нивната работа, синџирите на снабдување и илјадници работни места.

