Продолжува потрага по изчезнатата Вања Ѓорчевска
Трет ден трае потрагата по 14 годишната Вања Ѓорчевска на која и се губи секаква трага на пат кон училиште. Денеска тивко и тажно во скопската населба Дебар маало и во близина на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Катанец на влезот на училиштето, а зошто нема одговор. Министерството за внатрешни работи продолжува со распит на сите лица кои биле блиски со Вања, се проверува нејзиниот компјутер, се разгледуваат снимките од надзорните камери од објектите. Во потрагата се вклучени и кучињата трагачи.
Фотографии од 14годишната Вања Ѓорчевска се залепени во центарот на градот, со надеж дека некој од минувачите ќе се присети на било ккава информација која што може да биде корисна. И на социјалните мрежи се споделува фотографија од Вања, фотографија со детален опис, фотографија упатена до сите оние во Србија, Бугарија, Грција, Косово, Албанија и до сите останати кои би можеле да помогнат. Секоја минута е важна. Потрагата продолжува.
Девојчето исчезна среде бел ден во Дебар маало, во центарот на Скопје. Се мобилизира и Ловечката федерација. Нејзиниот претседател Влатко Алексовски, за ТВ 24 вели македонските ловци ќе ја бараат и на непристапни терени.
- Ловечката федерација на Македонија обединува 100 илјади граѓани ловци кои поседуваат легално ловечко оружје. Овој период е ек на ловна сезона и во еден ловен ден над 25 илјади ловци се активни во ловиштата на целата територија на државата, а притоа поаѓајќи од одличното познавање на теренот и ловечкиот инстинкт, за ловците се достапни и најнепристапните и екстремни терени и оттука е и мојот оптимизам дека ќе помогнат во потрагата по Вања! - вели Влатко Алексовски претседател на Ловечка федерација на Македонија.
Исчезнувањето на Вања, ја отвори Пандорината кутија. Прашања и тема за која треба почесто и отворено да се разговара. Психологот Мирјана Стојановска Јовановска за ТВ 24, вели дека во општеството е потребно да се создаде организиран систем за заштита на најмладите.
Три дена се трага по Вања. Мајката на девојчето го пријави исчезнувањето завчера откако класната раководителка се јавила кај неа и кажала дека Вања не дошла на првиот час. Откако мајката на Вања видела дека е недостапна, веднаш пријавила во полиција.Последен пат, односно пред да се исклучи телефонот, локацијата била на булевар „Партизански одреди“ кај „Броз кафе“ (спроти Универзална сала). Оттука се губи трагата. Деталниот опис и фотографијата на девојчето е во билтенот на МВР за исчезнати лица.
Според официјалните податоци од МВР, во последните три години од 2020 до почетокот на овој месец биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Потрагата е активна за шест деца на возраст до 14 години, а во голем дел од случаите биле пронаоѓани во близина на местото на живеење или во околните населени места...
Секоја информација која може да биде корисна за потрагата по Вања, пријавете на 112.