Продолжува поскапувањето на животните трошоци
60 570 денари, ова е сумата која е потребна за едно четири члено семејство да и покрие минималните животни потреби. Сојузот на синдикати ја објави најновата пресметка во која се забележува дека животот од месец во месец станува се поскап. Во однос на месечните трошоци кои биле во јуни, овој месец е поскап за 245 денари.
Пресметката на синдикалците велат дека речиси една минимална плата треба да се потроши во месецот само за набавка на храна и пијалоци. И тоа еднаш во неделата месо и еднаш во месецот на трпезата да има риба. По висината на сумата следуваат режиските трошоци нешто над 100 евра, но без станбен кредит или кирија за стан.
„Ако на ова се додаде и изнајмен стан од 60 квадрати кој влегува во новата методологија на пресметка на синдикалната кошница тогаш трошоците се зголемуваат на речиси 76 илјади денари.“ - велат од ССМ.
Економистите велат дека инфлацијата во моментов не е на загрижувачко ниво. Но владата мора да води политики кои нема да ја подгреваат инфлацијата.
„Не е загрижувачка во моментов, и би била загрижувачка ако почнеме да трошиме огромни суми на пари во населението и така самите да ја загрееме инфлацијата, но тоа најверојатно нема да се случи. Во стаус кво сме на некој начи и на глобално ниво, еве и федералната банка на САД се уште не ги намалиле референтните каматни стапки . Централната банка имаше 0,25 отсто намалување намалување на тие референтни каматни стапки и не се некое преоптимистичко сценарио.“ - вели Абил Бауш економист.
И покрај најавите дека инфлацијата ќе се стабилизира, граѓаните секојдневно се соочуваат со нови поскапувања пред се на храната и на останатите производи кои редовно ги купуваат. Од Народната банка посочија дека и натаму потребна е внимателност при носењето на макроекономските мерки.
- Кај нас дојде до позначително забавување на инфлациски трендови, а стабилноста на девизниот курс беше задржана, при што нивото на девизните резерви беше зголемено за 40% во споредба со претпандемичниот период. Сепак, потребна е внимателност. - велат од НБРМ.
На годишно ниво инфлацијата во земјава изнесува 3,2 отсто. Во рамките на европската унија трошоците на живот се на ниво од 2,6 отсто. Пред две години во пикот на кризата Македонија беше на врвот во регионот со бесмалку 20 отсто инфлација.