Продолжува истрагата за починатата 65 годишната пациентка која била лекувана во домашни услови од непознато лице
Foto

Продолжува истрагата за починатата 65 годишната пациентка која била лекувана во домашни услови од непознато лице

Слуачјот со 65 годишната КОВИД пациентка која почина, откако претходно била незаконски лекувана од „фантом лекар“ стигна и до јавното обвинителство.

Од министерството за внатрешни работи за ТВ 24 велат дека веднаш откако добиле известување од здравствениот инспекторат за случајот го известиле и јавното обвинителство, кое понатаму треба да даде насоки за постапување. 

Од обвинителството пак до ова издание на вестите не добивме потврда и одговори дали и што ќе преземат во врска со случајот и какви насоки се дадени на полицијата. 

Неофицијално, на информативен разговор ќе бидат повикани членовите на семејството на починатата пациентка, а на разговор ќе биде повикан и докторот од Градската општа болница „Осми септември“, кој што го пријавил случајот во здравствениот инспекторат каде кратко после приемот пациентката починала. 

Случајот пред два дена го обелодени здравствениот инспекторат. Пациентката била на 65 годишна возраст од Скопје. По утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена  од инфекцијата, дошла во Ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починала само неколку часа по приемот. Родинините дале податок дека пациентката претходно неколку дена била лекувана во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, но не сакале да откријат кој и ги давал. Неофицијално, станува збор за инфузија во комбинација со два антибиотици со силно дејство. 

Според дел од лекарите овој случај е само еден од низата за време на ковид пандемијата и предупредуваат дека особено во последниот бран се забележува масовна појава на самолекување на пациентите и земање инфузии на своја рака, што велат може да биде ризично за здравјето и исходот на лекувањето. 

Од здравствениот инспекторат апелираа граѓаните кои се позитивни на КОВИД да не прифаќаат лекување во домашни услови, освен ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување. 

0 Коментари

Остави коментари